
Лудило: Билетите за мечот Албанија-Србија чинат колку една недела на – море!
Во соопштението објавено пред натпреварот, навивачите остро реагираат на тоа што билетите не биле достапни преку вообичаената процедура, туку се доделувале преку ждрепка – систем што тие го нарекуваат „организирана фарса“. Според нив, фаворизирани се туристички агенции, кои потоа ги препродаваат билетите по астрономски цени. Цените за дуелот со Србија се движат од 150 до дури 1.000 евра, а навивачите посочуваат дека е апсурдно семејство со две деца да треба да плати 600 евра за да гледа еден натпревар – сума која, како што велат, е еднаква на седумдневно летување на море во јуни.
„Не можеме да прифатиме да плаќаме влезници како за луксузен одмор, а да не добиеме фер можност да ја поддржиме нашата репрезентација“, стои во соопштението на групата.
Дополнителна причина за незадоволство е одлуката на Фудбалската федерација на Албанија да затвори еден сектор од стадионот за јавноста, поради претходни инциденти. Наместо тоа, таму ќе бидат сместени деца од фудбалски школи, што дополнително го ограничува бројот на навивачи, иако се работи за натпревар од висок ризик.
„По 21-годишна континуирана поддршка, ова е првпат да не сме на стадионот за натпревар на нашата репрезентација. Не ни е дозволено – и тоа во наш дом“, наведуваат разочараните навивачи.
Средбата е од третото коло од квалификациите за СП 2026, во која Албанците влегуваат со по еден пораз и победа, додека за Србите ова прв меч со оглед што во јуни беа слободни поради обврските во завршницата од Лигата на нации.