Крсте Велкоски останува во Сарајево до 2021 година

Македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски, капитенот на босанскиот гигант Сарајево ќе остане дел од бордо клубот до 2021 година, откако денеска ја потпиша новата соработка со клубот од престолнината на БиХ.

Велкоски во Сарајево дојде во 2014 година, а откако стигна и до шампионска титула во 2016 замина на Далечниот Исток, но се врати во клубот со 2017 и многу брзо ги собра симпатиите на навивачите на клубот, па заслужено ја носи и капитенската лента.

Македонскиот репрезентативец зимава имаше неколку конкретни понуди од Јужна Кореја, но се реши да остане на „Кошево“. Сезонава одигра 23 меча во сите натпреварувања и даде девет гола, додавајќи четири асистенции и беше еден од најдобрите фудбалери на Сарајево, кој стана есенски првак со пет бода повеќе од шампионот Зрињски.

„Веќе три ипол години сум во клубот, се навикнав, капитен сум и ја предводам екипата. Немаше многу размислување, брзо се договоривме. Јас сум среќен тука, задоволен од сè и се надевам дека така и ќе остане“, изјавил Велкоски.

Велкоски е поранешен фудбалер на Работнички, Металург, Пиатра, Енозис Паралимни, Инчеон и Сват Кат.