Короната им ја прекина сезоната на Босанците, а сега им прави проблем и за стартот на новата

Босна и Херцеговина заедно со Македонија беа единствените земји од Балканот кои не ја доиграа актуелната сезона поради влошената епидемиолошка слика од коронавирусот, ама Босанците сега имаат маки и со новата – тешко дека навреме ќе ја почнат.

Во БиХ сезоната не се доигра најмногу и поради ригорозните мерки кои беа на сила и не дозволуваа првенството кое од март беше во прекин да се доигра во нормален формат, па федерацијата ја прекина комплетно сезоната и го прогласи Сараево за првак. Босанските клубови од минатата недела се веќе во тренажен процес, се подготвуваат за новата сезона, но...

Младост Какањ од Добој нема да може да тргне во сезоната, па уште од старт прави проблеми, откако дури 12 играчи на тестирањата излегле дека се позитивни на новиот вирус. И сега сите тие се во карантин, а кога ќе излезат време за подготовка ќе нема. Во БиХ стравуваат дека појавата на коронавирусот, зголемениот втор бран, може да донесе зараза и во други клубови, а со тоа да се пролонгира стартот на сезоната, чиј старт е закажан за три недели.

„Според упатствата сите заразени мора да бидат во изолација 14 дена, а потоа уште две недели во самоизолација. Тоа значи дека среде подготовки, ние немаме пола тим. Теоретски тешко дека ќе може да го играме првото коло, па и второто... Ќе треба буквално од дома да истрчаме на терен“, рекле од Младост.

Црна Гора предвреме го прекина доигрувањето на сезоната откако се појави зараза во подгорички Будуќност, па целиот тим замина во изолација. Од бившојугословенските простори Србија веќе го заврши првенството, а потоа се појавија заразени фудбалери, додека во Хрватска и во Словенија сè уште е во тек актуелната сезона.