
Канаваро удри по газдите на Динамо: Најлошото раководство кое сум го сретнал во 20 години
Поради атмосферата во клубот и отпуштањето на Марко Мариќ, Канаваро константно имал чувство дека се чека негова грешка за да добие отказ.
„Имав чувство дека ќе бидам жртвуван по првиот кикс. Кога Марко Мариќ,човекот што ме доведе беше отпуштен, требаше и јас да си заминам. Тогаш веќе ми беше јасно дека мојата судбина е запечатена“, изјави поранешниот капитен на Италија.
Канаваро го презеде тимот во момент кога заостануваше зад Хајдук и Ријека, со цел да ја намали разликата и да се бори за титулата. Меѓутоа, за време на неговиот мандат, лидерот Хајдук само ја зголеми предноста, оставајќи го Динамо на осум бода негатива осум кола пред крајот на сезоната. Во 14 натпревари на клупата Канаваро запиша седум победи, два нерешени и пет порази.
„Остана горчина затоа што не успеав да го завршам одличното нешто што го започнав со мојот стручен штаб. Тимот беше силен, свесни бевме дека можеме да се натпреваруваме. Но, управувањето во клубот беше најлоша која сум ја сретнал во последните 20 години. Штета што немав прилика да соработувам со Звонимир Бобан кој пристигна подоцна“, изјави Канавааро.
Тој ја спомена и една, како што рече, „апсурдна приказна за спонзорства“ која го навредила во професионален контекст.
„Ме обвинија за нешто што беше планирано многу пред моето доаѓање, фотографирање на мој слободен ден. Вистината беше сосема поинаква. Но, сето тоа ќе ми послужи како искуство. Ќе продолжам да бидам тренер, не можам да живеам без фудбал“, заврши легендарниот италијански стопер.
Фото:GNK Dinamo Zagreb/FB