Јаневски и официјално ја почна авантурата во АЕЛ Лимасол (ФОТО)

Поранешниот македонски селектор и член на првата генерација на македонската репрезентација, Чедомир Јаневски од денеска и официјално ја почна својата нова кипарска авантура како предводник на АЕЛ Лимасол, каде ќе му биде тренер на нашиот интернационалец Давор Здравковски. 

Јаневски после една година се врати на Кипар, откако беше помошник во репрезентацијата на Јужна Африка и го презема АЕЛ, а денеска ја имаше првата средба со своите фудбалери, со кои ќе има мини-подготовки среде оваа репрезентативна пауза за да ги привикне на својот стил и по продолжението на сезоната да ги врати на победничкиот колосек.

За Јаневски, АЕЛ е четврти кипарски клуб кого ќе го предводи, после Енозис во два мандати (2009-2011 и 2019-20), Етникос Ахна (2011-12) и Олимпијакос Никозија (2021). Поранешниот македонски селектор кој со Вардар играше групи во Лига Европа е и поранешен тренер на Црвена Звезда (Србија), Ал Шаб (ОАЕ), Бриж, Монс, Мускрон, Беверен (Белгија), Исмаили (Египет), а беше помошник и во Олимпијакос (Грција).