Хајдук и Динамо имаа 1-0 до 89. минута, а потоа - лудница на „Пољуд“! (ВИДЕО)

Хајдук и Динамо Загреб одиграа меч за вкусовите на сите фудбалски љубители и во Хрватска и на Балканот, а конечниот резултат не донесе победник, бидејќи гласеше 2-2.

Меѓутоа, она што е атрактивно е начинот на кој беше поставен конечниот резултат, бидејќи во 89. минута сѐ уште важеа оние 1-0 кои ги постави Ерцег со гол во 38. минута.

Во претпоследната минута од основните 90 на сцена стапи Динамо, прво со гол од прекин преку Бенковиќ. Во 91. минута македонскиот репрезентативец Аријан Адеми начека една топка во шеснаесетникот, искористи кикс на домашниот дефанзивец и му асистираше на Енрикез за 1-2.

Кога сите мислеа дека Динамо ќе си замине со три бода од најомразениот гостински терен, судијата покажа пенал за Хајдук. Ерцег повторно беше сигурен со што ги постави конечните 2-2 и го задржа Динамо на пристојна дистанца на табелата. „Модрите“ водат со 31 бод, Риека има 25 со натпревар помалку, Хајдук е трет со 24.