
Ѓоковиќ и Алкараз во термин кој не му одговара на српскиот ас
За европската публика во идеален термин, но не и за Ѓоковиќ. Мечот е закажан за утре (петок) од 15 часот по локално време, односно 21 по централноевропско. Тоа е период од денот кога во Њујорк е исклучително топло и влажно, а такви услови повеќе му одговараат на Алкараз, отколку на Ѓоковиќ кој и на претходните натпревари што се играа во попладневните часови имаше многу проблеми и со дишењето и со движењето. Одлуката да се игра од 15 часот е на задоволство на тренерот на Алкараз, Хуан Карлос Фереро кој посакуваше тогаш да почне мечот.
„Во Австралија се играше во ноќен термин и тоа малку го фаворизираше Новак. Ако сега би се играло денски, тоа за нас би било подобро“, призна Фереро, а неговата желба беше исполнета.
Во терминот од 20 часот по локално време ќе се игра второто полуфинале, меѓу Јаник Синер и Феликс Оже Алијасим.