Гоце Седлоски и официјално е тренер на вториот тим на Динамо Загреб

Поранешниот македонски репрезентативец, Гоце Седлоски (46), денеска и официјално e претставен за нов тренер на вториот тим на Динамо Загреб. Тој на оваа функција го наследи Игор Јовишевиќ, кој неодамна седна на клупата на првиот тим.

Инаку, Седлоски со својата тренерска работа започна да се занимава пред неколку години, во клубот каде ја заврши играчката кариера, во Матесбург, Австрија, каде започна како асистент. Истата улога ја извршуваше во македонската репрезентација, а кон средината на 2012 година кус период беше и заменик селектор.

Една сезона го предводеше Турново во Првата македонска лига, а од 2015 до 2017 година тој беше тренер на Вардар, со кого освои две шампионски титули и еден Суперкуп. Покрај тоа, Седлоски го водеше скопскиот клуб на двата натпревари од 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите во јули 2016 година, и тоа против Динамо Загреб. Тогаш, „модрите“ ги добија двата натпревара, со 2-1 во Скопје и 3-2 во Загреб, меч на кој сигурно се сеќаваат македонските љубители на фудбалот.

Во пролетта 2018 година, тој ја водеше латвиска Рига до сезоната 2018/19, а потоа седна на клупата на Широки Бријег со кого беше финалист во Купот на Босна и Херцеговина.

Што се однесува до играчката кариера, тој играше за Динамо во два мандата, од март 1999 година до летото 2004 година и повторно од февруари до јули 2005 година. Своевремено беше и капитен на овој тим. За тимот од „Максимир“ запиша 302 настапи, од кои 191 во домашното првенство, хрватскиот Куп, Суперкупот и европските натпреварувања. Со „сините“ освои осум трофеи: шампионска титула  во 1999, 2000 и 2003 година, Купот во 2001, 2002 и 2004 година и Суперкупот во 2002 и 2003 година.