Гатузо пак го разбранува Хајдук: Победата му ја посветувам на Калиниќ

Тренерот на Хајдук, Џенаро Гатузо се погрижи за нов потрес во Хајдук, непосредно по вечерашниот триумф против Динамо во Загреб.

На прес-конференцијата, тој зборуваше за односите во клубот, а особено се осврна на довчерашниот спортски директор.

„Победата му ја посветувам на Никола Калиниќ. За него може се да се каже, но не и дека е лажго. Тој ме наговори да дојдам во Сплит. Ветени ми се некои работи, а не се исполнети, со претседателот не сум зборувал еден месец, но ќе се борам и натаму“, изјави Гатузо.

Претседателот на Хајдук, Иван Билиќ на прес-конференција рече дека ништо од она што го кажал Калиниќ претходно не е вистина и дека одлуката воопшто да го ангажира него за спортски директор е негова голема грешка затоа што, како што додаде, тој ги преминал човечките и професионални граници.