Екс-репрезентативец на Македонија го постигна најсмешниот гол во српскиот фудбал (ВИДЕО)

Во српската Прва лига, која е втора по ранг кај северниот сосед, неретко се случуваат сомнително ситуации и паѓаат смешни голови, за кои тешко може да се одреди дали се плод на глупост или смислена – местенка.

Таква беше и ситуацијата на мечот помеѓу Дубочица Лесковац и Раднички Пирот (3-2), кој беше одбележан со хет-трикот на поранешниот македонски репрезентативец, Душан Савиќ, но и големата глупост на гостинскиот голман, Растко Шуљагиќ. Чуварот на мрежата на пиротскиот тим буквално му подари еден од головите на нашиот напаѓач, откако промаши цела топка надвор од сопствениот шеснаесетник. Српските медиуми овој погодок го прогласија за еден од најсмешните во нивниот фудбал.

Савиќ (35 години) е поранешен фудбалер на Вардар, Работнички, Победа, Беласица, кој играл за повеќе од десетина странски клубови од Кореја, Украина, Узбекистан, Казахстан и Бугарија, за да се скраси онаму каде што и ја почна кариерата. За Македонија има одиграно девет натпревари.