Динамо за збогувањето на Адеми пушти специјални маички – синиот воин! (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми задутре на „Максимир“ после 13 години ќе се збогува од Динамо Загреб и заминува во Кина, каде во следните три години ќе игра за Пекинг Гуан, па „модрите“ и навивачите му подготвија специјален проштален меч на својот капитен и рекордер.

Адеми е рекордер по освоени трофеи, рекордер по одиграни европски мечеви, втор со 359 меча по настапи за Динамо (само Дражен Ладиќ е пред него со над 400) и поради заминувањето, загрепскиот великан објави специјална серија на маички во знак на почит кон својот незаменлив лидер и огромен борец на теренот.

Маичките се со ликот на Адеми и неговиот препознатлив начин на прослава со раката преку уста, на кои пишува – синиот воин, а на грбот е бројот пет.

Инаку Адеми е еден од малкумината фудбалери кои во ек на играчката кариера од навивачите доби мурал во една загрепска населба. Навивачите, пак, ги повикаа сите да го исполнат „Максимир“ за да му се поклонат на капитенот.