Чеде Јаневски повторно во игра за тренер на Кипар – во најтесен избор на АЕЛ Лимасол

Поранешниот македонски селектор и екс-кормилар на Вардар, Чедомир Јаневски повторно се поврзува со тренерска работа на Кипар, иако моментно сѐ уште е помошник во репрезентацијата на Јужна Африка, па сега е во најтесниот избор за кормилар на АЕЛ Лимасол.

Како што објавуваат кипарски медиуми, АЕЛ кој се раздели со досегашниот кормилар Пантелидис, го сведе изборот за нов тренер на двајца, Македонецот Јаневски и Португалецот Силас, кој е екс-кормилар на Спортинг Лисабон.

АЕЛ бара тренерско решение што е можно побрзо за веќе по завршување на оваа сезона експресно да се фати за работа и да има доволно време за да го склопи тимот за следната сезона, но и за двајцата кандидат ќе има пречки кои ќе мора да ги отстранат.

Во случајот со Јаневски ќе треба да се најде начин како да дојде зашто сѐ уште е под договор со Јужна Африка, додека во случајот со Силас, проблемот се парите и богатиот договор што треба да му го понудат и досега Португалецот никогаш не бил под половина милион евра годишно.

Јаневски зимоска се поврзуваше со кам-бек на Кипар и тоа со најтрофејниот клуб АПОЕЛ, како желба на раководството да го ангажира, но сето тоа излезе неуспешно поради обврските кон Јужна Африка, која во тој период имаше доста згуснат распоред и завршница од мундијалските квалификации.

Екс-македонскиот селектор последен пат на Кипар работеше во Олимпијакос Никозија, во вториот дел од сезоната 2020/21 кога овој клуб го донесе до финале во Купот и првпат во историјата до плејоф за титула. Летото потоа замина како помошник во Јужна Африка, а освен во Олимпијакос на Кипар тренер беше и на Енозис Паралимни во два мандати (2009-2011 и 2019-2020), како и на Етникос Ахна (2011-2012).

Со Вардар испиша историја со настапот во Лига Европа во 2017 година, а македонски селектор беше во периодот од 2012 до 2013 година. Беше прв тренер на Ц. Звезда, на низа белгиски клубови (Монс, Беверен, Мускрон, Бриж), како и на Ал Шаб (ОАЕ) и Исмаили (Египет).