Поранешен репрезентативец и играч на Вардар замина во - пензија!

Поранешниот вардаров плејмејкер и бивш македонски репрезентативец Остоја Стјепановиќ замина во пензија после завшрувањето на оваа сезона во која играше за белградски Рад и на Бањица одигра 15 мечеви во оваа сезона.

Стјепановиќ беше дел од Вардар во 2012 и 2013 година, кога црвено-црните после цела една деценија се вратија на шампионскиот трон и во квалификациите во ЛШ, кога започна ренесансата на црвено-црните после низата трагични години испреплетени со ужасни резултати и битки за (пре)власт во клубот. Фудбалерот за врска во периодот од 2012 до 2017 година беше и македонски репрезентативец, одигра 18 мечеви за нашиот најсилен национален тим.

Родениот скопјанец заминува во пензија на 35 години, а својата кариера почна да ја гради во партизановата школа, но за црно-белите не заигра, играше за филјалата Телеоптик, потоа за Славија Сараево, Динамо Врање, Чукарички, ОФК Београд, а сезонава и за Рад во Србија, а интернационална кариера направи во Матерсбург, Тараз, Висла Краков, Сласк Вроцлав и АЕЛ Лимасол.

Во Македонија освен за Вардар во шампионскиот период 2011 и 2013, црвено-црниот дрес го носеше и во 2007 година на заем од Партизан, кога Вардар го освои последниот трофеј (Купот на Македонија) во турбулентните години до „спасот“ што му се случи со фузијата во 2011 година за да остане прволигаш. Работнички беше втор клуб во земјава чиј дрес носеше и тоа во периодот 2017-18.

Во 2012 година Стјепановиќ беше избран за најдобар фудбалер во Македонија.