Бивш репрезентативен стопер потпиша за Партизани од Тирана

Поранешниот македонски репрезентативец Александар Дамчевски е ново засилување на албански Партизани, откако потпиша со овој клуб од Тирана едногодишен договор со опција за продолжување на соработката за уште една сезона.

Дамчевски, кој е роден во Стразбур (Франција) имаше четири настапи за Македонија пред седум години, а заигра додека беше дел од холандска НАЦ Бреда, по што кариерата не му се разви во посакуван правец, па играше за казахстански Атирау, па за унгарски Межоковезд, кипарски Ермис и ерменски Арарат.

Станува збор за стопер кој ја зголемува македонската колонија кај западниот сосед, откако многу други македонски фудбалери завршија во албанската лига. Дамчевски доаѓа во Партизани, каде во минатата сезона играше македонскиот репрезентативец Ферхан Хасани, но тој по завршувањето на сезонава го напушти клубот.