Бешикташ го грабна екс-вардаровиот бисер: Гуџуфи пет години во турскиот првак!

Новиот турски шампион Бешикташ го гранба вардаровиот бисер Бесир Гуџуфи, кој зимава играше за Беласица после хаосот во најтрофејниот клуб, па како што објавија турските медиуми, левокрилниот офанзивец потпишал петгодишен договор со истанбулскиот великан.

Гуџуфи е еден од најголемите таленти, македонски младински репрезентативец и голема иднина, кој во Турција го гледаат како „новиот Елиф Елмас“, откако Фенербахче се збогати на македонскиот бисер и за две години 200.000 евра што за тренинг компензација му ги даде на Работнички, ги направи 16 милиони евра плус бонуси со трансферот во Наполи.

Младинскиот репрезентативец на Македонија си замина од Вардар зимава после хаосот во клубот, па црвено-црните традиционално загубија нов голем бисер, а овој фудбалер имаше три гола и две асистенции за Беласица и брзо го сврте вниманието кон себе, па сега прави гигантски трансфер во турскиот великан, каде ќе треба да се доизбруси, а потоа турските црно-бели од него планираат сериозна заработка во иднина.

„Инвестираме во иднината, а не во минатото. Нас нѐ интересираат млади играчи, а не веќе потрошени“, рекле од Бешикташ.

За Гуџуфи сериозно беше заинтересиран и Трабзонспор, како и хрватскиот великан Динамо Загреб, каде играат Стефан Ристовски и Аријан Адеми, но очигледно Бешикташ победил во таа трка.