Адеми: Ако не ми ја намалеа суспензијата, прашање е дали ќе продолжев со фудбалот!
Адеми во последните 18 месеци е во фокусот на хрватската јавност, зашто игра двојно подобро од тоа пред суспензијата, а патем со Динамо има извонредни успеси, прво пролетни елиминации во Лига Европа, први по 42 години за „модрите“, а сезонава е на пад дури и да презими во европската елита – Лигата на шампионите.
„Ќе му речев на секој дека е луд, ако ми предвидеше дека после суспензијата ќе играм групи во ЛШ и тоа на ваков начин. Јас верувам во себе, знаев дека ќе се вратам, дека ќе играм фудбал, ама не ни помислував на вакви успеси“, вели Адеми.
Македонскиот репрезентативец се врати на терените во Струмица, на меч со Лихтенштајн после две години пауза и тоа на најубав можен начин – со гол. Но, ако требаше да паузира четири години и самиот вели – не знам дали ќе играв фудбал.
„Прашање е дали ќе се вратев на фудбалот. Многу време би поминало. Јас знаејќи се себе, можеби немаше да се предадам, ќе играв пак, ќе бев упорен... Но, сето тоа е прашање на какво ниво ќе играв. Јас ни сега не знам дали играм подобро во однос пред суспензијата, ама знам дека како сега што уживам во фудбалот никогаш порано не сум уживал. Веројатно тоа е поради сето тоа што го проживеав, ама и поради овие две години и успесите со Динамо. Јас едвај чекам да дојде меч“, додава Адеми.