Стартува „Ајс Фестивал 2019“: Викендов во Скопје меѓународен хокеј турнир!
На лизгалиштето при „А1 Арена Борис Трајковски“ ќе учествуваат уште и екипите на Торпедо Букурешт (Романија) и меѓународниот тим, „Тим Интернешнл“. Во неговиот состав ќе се најдат играчи од цела Европа како и од Северна Америка, кои се љубители на хокејот и воедно сакат да ја запознаат македонската престолнина. Играчите беа повикани преку јавен повик и така за прв пат на турнирот ќе учествува екипа која е создадена од играчи од различни држави и континенти, додека екипата на Торпедо од Букурешт веќе трета година по ред гостува на Скопје Ајс Фестивал.
Традиционалниот турнир се отвора утре од 18.30 часот, а ќе го отворат екипите на Македонија Јуниори и Интернешнл, по што во 20.30 часот, силите ќе ги одмерат тимовите на Вардар и Торпедо.
В сабота тимовите на Македонија и Букурешт ќе го започнат овој натпреварувачки ден (8.30 ч.), а веднаш потоа тимовите на Вардар со Интернешнл ќе ги одмерат силите (10.30 ч.). Третото коло ќе се игра исто така в сабота, од 15.30 ч. со натпреварот Букурешт против Интернешнл и во 17.30 часот со дуелот меѓу домаќините Македонија и Вардар ќе се финишира пласманот за финалните мечеви
Завршницата е предвидена за недела, со натпреварите за трето место во 8.30 часот и финалниот меч од 10.30 часот, по што ќе се затвори седмото издание на Скопје Ајс Фестивал.