Ирина и Лазе - македонските херои кои го освоија „монструмот“ на Хималаите (ФОТО)

Ако освојувањето на врвот на Водно, кој се наоѓа на „само“ 1.066 метри надморска височина, е достигнување вредно за почит, тогаш искачувањето на седум пати поголема височина, во временски услови какви што не би му ги посакале ниту на најголемиот непријател, дефинитивно е остварување за кое не само што се потребни огромна желба, енергија, самодоверба, инает и луда храбост, туку за кое треба „наклон до под“ и респект каков што се искажува на мал број луѓе.

Ирина Дишовска и Лазо Миновски се македонските херои на кои им успеа сето ова, откако во саботата наутро по локално време, успеаја да го освојат врвот Ама Даблам, кој се наоѓа на Хималаите, планината која важи за најголем предизвик за сите планинари, но и за вечно почивалиште за илјадници кои не успеале да ги надминат сите предизвици кои таа ги носи. Станува збор за врв висок 6.812 метри, кој важи за еден од најтешките за освојување не само на овој планински масив туку и во светот поради што меѓу аплинистите е познат како „монструмот од Хималаите“.

„Ова е исполнување на сонот. Ама Даблам искачен на 23 октомври во 9 часот по локално време. Многу откажувања за овој врв, фокус кон целта, без компромиси. Имав тешки подготовки, понекогаш и претешки. Стартував на полноќ и го дадов последниот атом енергија во себе за да се изборам со овој монструм. Амам Даблам е многу повеќе од 'хималајски врв' - тоа е ретко виден монструм. Тој бара многу повеќе енергија, волја и сила од повеќето врвови на Хималаите кои се повисоки од 8.000 метри и поради тоа е почитуван од цела хималајска фела. Да се стапне на врвот е нешто што немам зборови да ги опишам емоциите. Тоа треба да се доживее за да се разбере. Ме скрши на пола, но ми дозволи да го допрам со сета своја убавина“, напиша Дишовска, која зад себе има низа освоени врвови низ светот кои многумина би им било страв дури и да погледнат кон нив.

Таа голема благодарност посвети и на Миновски, нејзиниот „партнер во криминал“ на патот кон „скротување на монструмот“ и нејзин тренер кој ја туркал кон целта во последните шест месеци. Тој исто така пренесе дел од емоциите по искачувањето на височина, која е речиси седум километри над нивото на морето, која е понормална за авиони на своите рути отколку за луѓе со насмеани лица и полно срце поради остварената цел.

„Не можам да ги опишам емоциите што ги имав кога го допрев врвот на Ама Даблам. Имаше и солзи. Заборавив и на студеното време и на заморот. Со Ирина работевме цела година и си ја остваривме големата желба. Благодарност за сите кои ни помогнаа да си го реализираме сонот“, напиша Миновски.

Дишовска пред три години беше во центарот на вниманието кога буквално сама, без придружба на водич, како прва Македонка успеа да го освои врвот Матерхорн (Ѓаволски рог), кој се наоѓа на Алпите и кој важи за еден од најопасните и најсмртоносните врвови во светот. Миновски, пак, во февруари годинава беше дел од експедицијата, во која беа уште и Дишовска, Кирил Начков, Филип Христов, Никола Нешкоски и Иља Деревјев, кои со велосипед го искачија африканскиот врв Ухуру на планината Килиманџаро, висок 5.895 метри.