Србите и Хрватите се скараа за медалите на Југославија
Селекцијата на поранешната држава доминираше во ватерполо долго време и сега и едните и другите сметаат дека медалите се нивни. Прво Јутарњи лист објави текст во кој пишува дека Хрватска утре ќе се бори за златото, но веќе го има 11. медал од олимписките игри.
„Хрватските ватерполисти во Париз ќе се борат за својот четврти олимписки медал за Хрватска, но тие веќе го потпишаа 11. одличје. По ред, тоа изгледаше вака: сребро во 1952, Мелбурн 1956 и Токио 1964, злато во Мексико Сити 1968, сребро во Москва 1980, па злато во Лос Анџелес 1984 и Сеул 1988. Како Хрватска, имаме сребро во Атланта 1996 и Рио 2016 и злато во Лондон 2012. Браво за хрватските ватерполисти и за најтрофејниот хрватски екипен спорт“, пишува, меѓу другото, во текстот.
Експресно стигна одговор од српските медиуми кои на нож го дочекаа тврдењето на соседите дека медалите им припаѓаат ним.
„Сите медали кои ги освои Југославија од 1910 до 1988 година и припаѓаат на само една земја - Србија. Да потсетиме дека Олимпискиот комитет на Србија е основан на 23 февруари 1910 година и пред Игрите во Стокхолм 1912 е примен во членство на ИОК. Со оглед на тоа што Олимпискиот комитет на Србија е правен наследник на Југословенскиот олимписки комитет и Олимпискиот комитет на СЦГ, сите медали кои се освоени од Игрите во 1912 година ѝ припаѓаат на Србија, а никако не на Хрватска која од 1992 година се натпреварува под ново знаме и оттогаш за неа почнува нова ера“, пишуваат Србите.
Србија е самостојна држава од 2006 година и првпат под тоа име настапуваше во 2008. Оттогаш има две бронзи и две злата во ватерполо и веќе го обезбеди петтиот медал, но утре ќе се знае каков ќе биде тој.