„Влегов во САД без да ми бараат потврда дека сум вакциниран!“

Како се проближува стартот на последниот годинешен гренслем „Ју-Ес опен“ се поактуелно е евентуалното (не)играње на Новак Ѓоковиќ, кој според засега важечките закони во САД нема да може да ја мине границата бидејќи не е вакциниран.

Но, искуството на францускиот новинар Квентин Мојне, може да донесе пресвртница во целата ситуација, бидејќи успеал да влезе на американска територија без да му побараат доказ за вакцинација.

„Успеав да влезам во САД без воопшто да ми побараат доказ за вакцинација. Ваквата процедура не беше важечка во март кога последен пат бев во оваа држава. Затоа, ме интересира дали се веќе променети правилата, што секако би биле добри вести за Ѓоковиќ“, напиша Мојне.

„Ју-Ес опен“ почнува на 29 август, а на Србинот и неговиот тим сега е добро да провери дали ова било само пропуст на граничарите или нова политика на Американците.