Тениска бајка: Без спонзор ги збриша Медведев и Циципас, сака тетоважи и идол му е – Надал!
До неодамна непознат, 23-годишниот леворак играч од Бусто Арсицио, град со 80.000 жители, веќе го носи своето презиме со гордост, рамо до рамо со легендарната Моника Белучи. Тој без ниту еден спонзор на секој меч настапуваше во различна спортска опрема, обидувајќи се да остане во конкуренција. Сепак, во Ротердам, каде што допатува без победа над тенисер од топ 20, го направи најголемиот исчекор во кариерата.
Во осминафиналето го победи Данил Медведев во три сета (6-3, 6-7, 6-3), а иако многумина ја припишаа победата на лошиот ден на Русинот, Белучи веднаш потврди дека успехот не е случаен. Во следниот меч го совлада Стефанос Циципас со убедливи 6-4, 6-2, оставајќи јасен печат дека се работи за нова тениска ѕвезда. Со овие победи Белучи се искачи на 68. место на АТП-листата и има можност за нов напредок, кој ќе зависи од исходот на денешниот дуел со Австралиецот Алекс де Минор.
„Многу работев и со мојот тренер разговаравме за мојата игра. Тој ми покажа дека понекогаш сум премногу внимателен на теренот и ме охрабри да играм послободно. Веќе ги гледам резултатите“, изјави Белучи.
Страста кон тетоважите е уште една негова карактеристика – неговото тело е украсено со детали од јапонската уметност. Како дете, негов идол бил Рафаел Надал, а сега има нова причина за уште една тетоважа – успехот што го најавува на тениската сцена.