Тенисерка од школата на Надал поместува граници и е вистински хит на Вимблдон!

Аргентинската тенисерка Солана Сиера испиша историја станувајќи првата во Опен ерата која од квалификациите како „среќен губитник“ успеала да биде дел од Вимблдон и во втората недела.

Тоа што го прави 21-годишната тенисерката од Јужна Америка која е продукт на академијата на Рафаел Надал е рамно на холивудско сценарио.

Таа до главниот ждреб дојде буквално во последен момент од квалификациите, а со денешната победа против Кристина Букс се пласираше меѓу најдобрите 16 тенисерки на еден од најпрестижните тениски турнири во светот.

По поразот во финалниот меч во квалификациите од Австралијката, Талија Гибсон изгледаше дека Вимблдон за неа ќе заврши уште пред започне. Но, доби шанса поради повредата на Белгијката Гирт Минхен и тоа на само 15 минути пред мечот со Оливиа Гадецки.

Токму тогаш започна бајката за Сиера која славеше победи против: Гадецки (6-2, 7-6), Бултер (6-7, 6-2, 6-1) и Букс (7-5, 1-6, 6-1).

Таа стана првата „среќна губитничка“ во Опен ерата од 1968 година која успеала да стигне до осминафиналето на Вимблдон и ако слави против 37-годишната Лаура Зигемунд од Германија ќе биде првата која на таков начин стигнала до четвртфиналето.

Фото: EPA