Словенечка тенисерка почна да се гуши сред игра и го предаде мечот (ВИДЕО)

Далила Јакуповиќ од Словенија мораше да го предаде мечот против Стефани Вогел во првото квалификациско коло на Австралија опен. 

Словенката во финишот на вториот сет имаше проблеми со дишењето и почна неконтролирано да кашла. Сето ова беше предизвикано поради екстремната жештина во Мелбурн, но и поради чадот од дивите пожари кои беснеат низ цела Австралија.

„Поените стануваа подолго и не можев да дишам. Не можев да се исправам. Лута сум и тажна, бидејќи ја имав победата на дофат, но не можев да завршам. Немам асма и немам никакви проблеми со дишењето од жештината. Навистина беше тешко, никогаш не сум доживеала вакво нешто. Се плашев да не колабирам, па затоа седнав на подот, бидејќи не можев да одам“, изјави Јакуповиќ по мечот.

Во Австралија за време на пожарите загинаа 28 лица, а илјадници останаа без своите домови. Загинаа и илјадници животни во најголемата катастрофа што ја зафати оваа земја во историјата. Ефектите од чадот се чувствуваат насекаде низ Австралија, а ова е знак дека организаторите на првиот сезонски грен-слем ќе имаат сериозни проблеми. Поради чадот беше прекинат и мечот помеѓу Марија Шарапова и Лаура Зигемонд во вториот сет при резултат 5-5.