Синер го растури и Зверев - му се „смешка“ нова Мастерс титула

Италијанскиот тенисер Јаник Синер го победи Александер Зверев по вторпат за две недели откако славеше во полуфиналето на Мајами.

Вториот светски рекет славеше со резултат од 6-3, 7-6 и со тоа го забележа 11. триумф по ред, а сега има и 32 освоени сета по ред на Мастерс турнирите. Тој сега е на само една победа од тоа да стане првиот човек по Роџер Федерер во 2017 година што го комплетирал „Саншајн дабл“ - триумф на двата Мастерса во САД, Индијан Велс и Мајами.

Негов противник во финалето, в недела, ќе биде Јиржи Лехечка, кој го победи Артур Фис со 6-2, 6-2.

Синер ги доби последните седум средби со Зверев, вклучувајќи две оваа година и сега води со 8-4 во победи.

Јаник беше тој што ја спаси првата брејк-топка, во третиот гем, но во следниот го освои сервисот на својот противник, што му беше доволно за да го добие првиот сет. И двајцата имаа свои шанси во продолжение од мечот, но се влезе и во тај-брејк, кој беше многу неизвесен сè до резултатот 4-4, кога Синер освои три поени по ред и стави точка на мечот.

Неговиот биланс против следниот противник, Лехечка, моментално е 3-0, а Италијанецот има шанса со победа да ја намали разликата на само 1.540 поени во однос на лидерот на АТП листата Карлос Алкараз.