Синер и Алкараз ја почнуваат 2026 година со меѓусебен дуел во Јужна Кореја

Јужнокорејскиот град Инчон ќе биде првото место на кое во 2026 година ќе се сретнат двајцата најдобри тенисери на денешнината.

Според корејските агенции, по неколкудневни шпекулации, објавени се сите детали за ревијалниот спектакл кој претстои. Дуелот меѓу Јаник Синер и Карлос Алкараз е закажан за 10 јануари, само осум дена пред почетокот на Австралија Опен. Мечот ќе се игра во Инспајр Арената, со капацитет од околу 15.000 места и се очекува да биде исполнета до последното место. Егзибициски дуели во Јужна Кореја имаше и порано, но последен пат пред 15 години кога Новак Ѓоковиќ го победи Енди Родик со 6-4, 6-2. Меѓу претходните учесници беа Роџер Федерер, Рафаел Надал, Пит Сампрас, Марија Шарапова, Венус Вилијамс…

Организаторите сè уште не го објавија наградниот фонд, но нема сомнение дека ќе има многу нули. Најверојатно по шест, а кој број ќе биде напред може да остане тајна. Синер и Алкараз последен пат се сретнаа на егзибициски турнир во Ријад пред три недели. Италијанецот победи, а оваа година има уште една можност да излезат на мегдан - на завршниот Мастерс турнир во Торино.

Шпанецот води со 10-5 во официјалните натпревари, откако победи на седум од последните осум официјални натпревари. Сепак, кога станува збор за егзибициски турнири, Синер е успешен - ги освои двете финалиња во Ријад.