
Швјонтек го освои првиот Мастерс трофеј по 15 месеци
Во него, таа беше подобра од Џасмин Паолини од Италија во два сета (7-5, 6-4) и дојде до првиот Мастерс трофеј по пауза од 15 месеци. Последниот ваков триумф, таа го имаше во мај 2024 кога славеше на Мастерсот во Рим, победувајќи ја во финалето Арина Сабаленка, исто така со 2-0. Воедно, таа го освои својот прв трофеј во Синсинати што заедно со победата на Вимблдон е најава за многу подобри денови на полската тенисерка.
На почетокот од мечот со Паолини не изгледаше дека епилогот може да биде таков. Противничката отвори со 3-0, ама следуваше серија од пет гема на Швјонтек за потоа во драматичен финиш таа да дојде до водство во сетови. Во вториот имаше дури пет брејка, но Полјакинката подобро се снајде и го приведе мечот кон крајот.
Благодарение на триумфот, таа заработи 1.000 бода и ја прескокна Коко Гоф на ВТА листата, но се уште има големо заостанување, од 4.300 бода во однос на Сабаленка. Во финишот од сезоната, сепак, ќе има шанса да ја нападне затоа што од лани брани само 830 бода и има неколку турнири на кои минатата сезона не играше.