Големиот хрватски талент не доби повик во репрезентацијата затоа што бил на - свадбата на сестра му

Селекторот на хрватската репрезентација Златко Далиќ вчера го објави списокот на фудбалери за претстојните квалификациски натпревари против Фарски Острови и Црна Гора, а на него не се најде фудбалерот на Сосиедад, Лука Сучиќ.

Последните четири години, 23-годишниот плејмејкер беше стандарден во националниот тим за кого запиша вкупно 17 настапи, а откако лани дојде во Сосиедад, го привлече вниманието на најголемите европски клубови, вклучувајќи го и Реал Мадрид. Некои дури и го споредуваат со Лука Модриќ и го сметаат за негов наследник во репрезентацијата. Затоа е големо изненадување одлуката на Далиќ да не го повика за претстојните два меча.

Хрватските медиуми тврдат дека ваквиот потег на селекторот нема врска со фудбалските квалитети на Сучиќ, туку со она што се случуваше во јуни. За време на последниот репрезентативен собир, фудбалерот на Сосиедад го напушти кампот и отиде на свадбата на сестра му поради што го пропушти мечот со Чешка на кој Хрватска славеше со 5-1.

Секако, Далиќ му дал дозвола за тоа, но сепак му замерил поради тоа што приватните обврски ги ставил пред репрезентативните. Иако станува збор за семејна веселба, дури и Лука Модриќ го советувал фудбалерот да остане, но тој не го послушал и тоа очигледно не му се допаднало на селекторот и неговиот стручен штаб.