Шок во шпанската престолнина: Алкараз се откажува од Мастерсот во Мадрид?

Третиот светски рекет Карлос Алкараз во текот на денов ќе објави дека се повлекува од Мастерсот во Мадрид кој почна во понеделникот.

Најдобрите играчи се уште не се појавиле на теренот бидејќи се слободни во првото коло, а како што стојат работите, Шпанецот нема воопшто да игра. Медиумите на Пиринејскиот полуостров тврдат дека има повреда на задната ложа, а се очекува потврда на оваа информација да даде лично тој, денеска околу пладне.

Алкараз и пред почетокот на турнирот, односно по поразот од Холгер Руне во Барселона рече дека не е сигурен дали е подготвен за настап во Мадрид, така што и тогаш неговото учество беше под знак прашалник. Тој пристигна во Мадрид, тренираше во понеделникот, но очигледно сфатил дека е подобро да не игра за да не ризикува потешка повреда. Алкараз е двоен освојувач на титулата во Мадрид каде триумфираше во 2022 и 2023 година, но лани не настапи, исто така поради повреда.

Ако навистина се откаже, тоа ќе му го олесни патот на Новак Ѓоковиќ кој е на истата страна од ждрепката и нивниот дуел беше „проектиран“ во полуфиналето.