Сабаленка шокираше по елиминацијата: Сакам да се повлечам од тенисот

Најдобрата светска тенисерка Арина Сабаленка беше видно разочарана по шокантната елиминација од Ролан Гарос.

Сабаленка имаше водство од 1-0 во сетови и 5-3 во вториот сет, но потоа загуби дури 10 гема во низа, а Дијана Шнајдер обезбеди пласман во полуфиналето.

„Немам мисли, немам емоции. Во моментов сакам да се повлечам од тенисот. Се надевам дека за неколку дена ментално ќе се вратам на вистинскиот пат. Имав добри шанси во вториот сет да го завршам мечот, но потфрлив. Потоа таа го засили ритамот и заигра поагресивно. Не успеав ментално да се опоравам по вториот сет, а тоа беше мојата најголема грешка денес“, изјави Сабаленка.

Таа додаде дека не се сеќава кога последен пат ѝ се случило да загуби десет гема по ред.

„Ментално влегов во некоја темна дупка и не можев да се вратам во натпреварот“, рече белоруската тенисерка.

Силниот ветер, според неа, дополнително влијаел врз играта.

„Не знам зошто го држеа покривот отворен кога ветерот дуваше толку силно, но тешко можам да се жалам кога поголемиот дел од мечот играв добро. Можеби проблемот е и во мене, можеби едноставно изгубив контрола. Минатата година ситуацијата беше слична, па следниот ден го затворија покривот за машкиот меч. Со затворен покрив сигурно ќе гледавме поквалитетен натпревар, но таа навистина заигра подобро, влезе поагресивно во теренот и ги погодуваше ударите“, истакна Сабаленка

Фото: ROLAND-GARROS/FB