Сабаленка направи нешто што досега не е видено во тениската историја (ВИДЕО)

Аринa Сабаленка е единствената тенисерка која ја оправда фаворитската улога во четвртфиналето на турнирот во Штутгарт, откако ја совлада Елиз Мертенс (6-4, 6-1), во натпревар исполнет со емоции и контроверзии, во кој Белорусинката имаше несекојдневен потег – извади телефон и фотографираше траг од топче по спорна судиска одлука.

Ова се случи во првиот сет, кога Мертенс направи брејк за водство од 4-3. Сабаленка беше убедена дека топчето било во аут и побара реакција од судијката, која одби да стане од столчето. Таа фрустрирана од одлуката, го извади својот телефон и го сликаше трагoт на земјата – потег каков што досега не е виден на женските тениски турнири.

Од тој момент, Сабаленка влезе во сериозна форма и освои девет од наредните десет гемови, обезбедувајќи си пласман во полуфиналето по само 80 минути игра. По натпреварот, таа ја коментираше ситуацијата со судијката:

„Имав чувство дека се изнервира поради фотографијата. Кога дојдов да се ракувам по мечот, ми фрли еден интересен поглед и ми стисна силно рака. Јас не возвратив. Зошто би играла игри со некоја како неа?“, изјави Сабаленка со доза на сарказам.

Белорусинката во полуфиналето ќе се соочи со Италијанката Јасмин Паолини, која направи големо изненадување победувајќи ја Коко Гоф. Второто полуфинале донесе уште поголеми изненадувања – Летонката Јелена Остапенко шести пат по ред ја совлада првопласираната Ига Швјонтек, додека Русинката Екатерина Александрова беше подобра од Американката Џесика Пегула.

ФОТО: X / DawidZbik