Потврден е терминот, утревечер Федерер ќе го одигра последниот меч!

Цела недела се исчекува најавениот последен меч во играчката кариера на Роџер федерер, а денеска е официјално потврден неговиот термин.

Според очекувањата, Федерер ќе се прости од големата сцена во дубл меч, во тандем со Рафаел Надал, во рамки на популарниот Лејвер куп, во кој се натпреваруваат Европа и остатокот од светот.

Долгогодишните ривали и големи пријатели, ќе бидат фаворити во дуелот со американската двојка Џек Сок и Френсис Тиафо. Мечот ќе биде шлаг на целата утрешна програма, што значи би требало да почне некаде околу 21 часот. Попрецизно, програмата во „О2 арена“ во Лондон се одвива во два дела, денска и вечерна, а прошталниот меч на Федерер ќе биде втор во вечерната, штом заврши дуелот на Енди Мареј (В. Британија) и Алекс Де Минор (Австралија), кој почнува во 19.00.

Претходно, натпреварувањето ќе го отворат сингл пресметките меѓу Каспер Руд (Норвешка) и Џек Сок (САД) од 13 часот, како и меѓу Стефанос Циципас (Грција) и Диего Шварцман (Аргентина).