Потврда на одличната форма: Зверев е прв полуфиналист на Австралија опен

Вториот светски рекет Александар Зверев обезбеди пласман во полуфиналето на Австралија опен откако во првиот четвртфинален меч беше подобар од Томи Пол со 3-1 (7-6, 7-6, 2-6, 6-1).

Со тоа, Германецот го повтори успехот од минатата и од 2020 година кога, исто така, стигнуваше до полуфиналето. Денешниот триумф го оствари благодарение на упорноста  бидејќи по првите два сета, место да губи со 0-2, тој имаше водство од 2-0.

Во двата сета Пол имаше брејк предност и сервираше за сет, а Зверев успеваше да се врати. Во воведниот сет Американецот сервираше при водство од 6-5, но Зверев ја искористи втората брејк топка и го израмни резултатот за во тај-брејкот да слави со убедливи 7-1. Во вториот сет слично сценарио, Пол отвори со 3-0 и ја одржуваше предноста до 5-4 кога Зверев го освои сервисот на противникот без загубен поен и во тај-брејкот беше уште поубедлив (7-0).

Пол конечно ја валоризира својата предност во третиот сет кој го освои со 6-2, но Зверев потоа на доминантен начин стави точка на мечот. Во полуфиналето тој ќе се сретне со подобриот од пресметката меѓу Ѓоковиќ и Алкараз кој е планирано да почне во 10:30 часот.