Голем удар за Фалангата: Билетите за втората фаза во Вараждин поскапи за дури 60 отсто!

Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), во соработка со Хрватска како коорганизатор, ги утврди цените на билетите за натпреварите од втората фаза на Светското првенство, а македонските навивачи се соочуваат со значително поскапување од огромни – 60 отсто.

Цените на дневните карти за „Арена Вараждин“ пораснаа од досегашните 50 и 70 евра на минимум 80 евра, додека поскапите изнесуваат 100 евра. Ова претставува голем финансиски товар за Фалангата, која масовно ја поддржува нашата репрезентација. Дополнително, билетите за Вараждин се најскапи во однос на другите хрватски градови домаќини, Загреб и Пореч, каде што цените се значително пониски.

Македонија ја заврши првата фаза со пренесен бод и продолжува со натпревари против Австрија, Катар и Франција, кои исто така ќе се играат во Вараждин. Иако задржувањето на тренинг-базата и салата е позитивен аспект, новите цени на билетите претставуваат сериозен предизвик за фановите, кои веќе вложуваат значителни средства за патување и престој. Во Загрепската арена, билетите чинат 40, 60 и 80 евра, додека најевтини се картите за Президент купот во Пореч, со цени од 5 до 25 евра.

Продажбата на билетите за Вараждин продолжува преку истата мрежа (онлајн и на билетарницата пред салата), но високите цени би можеле драстично да го намалат присуството на македонските навивачи.