Австрија да го плати цехот за сите досегашни малери и неправди во Вараждин!
Жолто-црвените досега имаат победа против Гвинеја (29-20), несреќно реми против Унгарија (27-27) во кое имавме гол предност и напад во последните 40-тина секунди и нечесен пораз од Холандија (32-37), која имаше огромна помош од данските судии, кои им дадоа 12 пенали, а нам ни покажаа два црвени картони. Поради сето ова, македонските навивачи се надеваат дека е дојдено време за наплата на сите долгови, односно дека Австријците ќе го платат цехот за сите досегашни малери и неправди. Помошта од навивачите е клучна и за селекторот Кирил Лазаров, кој смета дека неговите ракометари имаат поголема обврска да дадат се од себе кога на трибините доминираат македонските знамиња.
„Многу ни значат нашите навивачи. Затоа против Гвинеја се договоривме да одиграме посветено за да не ги разочараме со некоја пирова победа и тие да не го продолжат престојот. Тоа го остваривме и ги очекуваме како поддршка и во втората фаза, почнувајќи со денешниот дуел со Австрија. И вака носиме одговорност, но со нивното присуство таа е далеку поголема“, вели Лазаров.
Македонија една деценија нема победа против европска селекција на Мундијалите, а последната беше остварена токму против Австрија на шампионатот во Катар во 2015 година. Со евентуалниот триумф, барем теоретски, би останале во игра за место во четвртфиналето каде што ќе се најдат најдобрите две селекции во групата во која не чекаат пресметки уште со Катар (четврток) и со Франција (сабота).