Кузмановски: Имав самодоверба и по промашениот пенал – знаев дека ќе погодам!

Бекот на Пелистер, Филип Кузмановски, е херојот во таборот на Македонија на денешниот меч против Австрија (29-29) и тоа овој пат не со двоцифрен поентерски ефект туку со погодок во последната секунда вреден еден бод.

Популарниот Фитиљ претходно промаши пенал, но тоа не го поколеба туку само го мотивира да го земе последниот шут и тоа од 15-тина метри.

„Треба да жалиме што не победивме, бевме поквалитетни од Австрија во овие 60 минути. Бевме максимално спремни, проблем ни беше што не можевме да одговориме на нивната игра 7 на 6, тие добро ги решаваа тие напади со играч повеќе. На крај можеби среќата беше на наша страна, пред тоа имав пенал можеби за победа ќе беше, но тоа е спортот. Среќа што топката влезе во гол при последниот шут. Видовте една мотивирана Македонија, покажавме како треба да играме мислам дека сме добри и одиме напред. Промашениот пенал не ме поколеба, бидејќи имам самодоверба и секогаш после утка верувам дека следниот шут ќе влезе. Убеден бев дека ќе биде така и денеска и така испадна“, изјави Кузмановски.