Поразот од Навоне носи последици: Ѓоковиќ испаѓа од топ-10

Новак Ѓоковиќ не само што го заврши настапот на УС Опен уште во првото коло, туку по завршувањето на турнирот ќе испадне и од најдобрите десет тенисери на светот.

Српскиот ас загуби од Аргентинецот Маријано Навоне во пет сета, со што остана без можност да го повтори минатогодишниот резултат во Њујорк. Ѓоковиќ тогаш стигна до полуфиналето, па оваа година ќе загуби голем број АТП-бодови.

Според проекциите на ранг-листата, Ѓоковиќ по завршувањето на УС Опен ќе падне најмалку на 11. место, а конечната позиција ќе зависи и од резултатите на тенисерите кои се веднаш зад него. Ова е голем пресврт ако се знае дека Ѓоковиќ последен пат беше надвор од Топ 10 во јули 2018 година. Тогаш проблемите со лактот сериозно влијаеја врз неговиот пласман, па во еден момент падна и надвор од првите 20.

Но, токму тогаш следуваше едно од најголемите враќања во неговата кариера. Ѓоковиќ се врати на теренот, го освои Вимблдон и за кратко време повторно стигна до врвот на светскиот тенис. Сега ситуацијата е поинаква. На 39 години, Ѓоковиќ повторно се соочува со пад на ранг-листата, но овојпат причината не е долга пауза поради повреда, туку загубените бодови по раната елиминација во Њујорк.

Најголемиот проблем за Србинот, сепак, не е самиот пласман. Во мечот против Навоне тој имаше сериозни физички проблеми, повраќаше, се бореше со грчеви и болки и во завршницата очигледно немаше доволно сила за да му парира на Аргентинецот. Ѓоковиќ во еден момент имаше предност од два сета спрема еден, но потоа следуваше голем физички пад. Навоне го искористи тоа и стигна до една од најголемите победи во кариерата.

Интересно е што Ѓоковиќ сега ќе има дополнителен предизвик и на патот кон следните турнири. Падот на ранг-листата може да му донесе потешка ждрепка и порано соочување со најдобрите тенисери. Сепак, ова не е првпат Ѓоковиќ да се најде во ваква ситуација. Во минатото повеќепати покажувал дека може да се врати и од тешки позиции. Останува да се види дали и овојпат ќе успее да направи ново големо враќање.