Надал конечно призна: Никој не го правел тоа подобро од Новак Ѓоковиќ!

Без разлика што со години го имаа едно од најголемите ривалства во историјата на тенисот, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ отсекогаш покажувале огромна меѓусебна почит.

Шпанската легенда деновиве уште еднаш зборуваше со восхит за српскиот ас, нарекувајќи го најдобар во еден од најважните сегменти на играта. Освојувачот на 22 гренслем-титули призна дека дуелите против популарниот Ноле биле најголемиот тактички предизвик во неговата кариера.

„Кога играв против Новак, сè беше поинаку. Можеш да имаш стратегија, но на крајот мора постојано да играш на највисоко можно ниво. Тоа беше исклучително тешко. Против Роџер Федерер можев да најдам начин да го напаѓам неговиот бекхенд, но против Новак никогаш немав такво чувство“, изјави Надал.

Шпанецот објасни дека против Ѓоковиќ морал постојано да ја менува играта и да бара различни решенија за да не му дозволи на Србинот да ја преземе контролата врз размените.

„Често користев слајс против него, а понекогаш беше најдобро да се игра директно низ средината на теренот, само за да не му се остави простор да отвори агли“, додаде Надал.

На крајот, легендарниот Шпанец му упати можеби и најголемиот комплимент во кариерата на својот најголем ривал.

„Против Новак, ако не му нанесуваш доволно штета со своите удари, тој многу лесно ќе те отвори. Кога станува збор за контролата на играта, мислам дека тој е најдобриот играч во историјата. Никогаш не сум видел некој што го прави тоа подобро“, порача Надал.

Двајцата се сретнаа дури 60 пати на АТП турнејата, а Србинот има минимална предност во меѓусебниот скор со 31 победи, наспроти 29 на Шпанецот.