Браво со пресврт ја совлада Шкендија во Љубљана (ВИДЕО)

Шкендија беше поразена на гостувањето кај Браво во Љубљана со 1-2 во првиот натпревар од второто квалификациско коло од Конференциската лига.

Тетовци имаа добар почеток на натпреварот и вршеа притисок кон голот на домаќините, а тоа им донесе пенал во 11. минута кој беше претворен во гол од Ендрит Красничи.

Браво веднаш тргна во напад по израмнување и само осум минути подоцна успеа да искористи една шанса пред голот на Шкендија, кога Рок Копатин погоди за 1-1.

На почетокот на вториот дел Браво успеа да направи и целосен пресврт, и тоа преку Јакослав Станковиќ кој по една индивидуална акција испрати прекрасен удар и ја затресе мрежата на Амзаи.

Шкендија се разбуди во завршницата од натпреварот и изврши притисок кон голот на Браво, а Тамба погоди и статива во 80. минута, меѓутоа тетовци до крајот немаа среќа да избегнат пораз.

Реваншот меѓу Шкендија и Браво се игра за една недела, односно на 30 јули.

Фото: ФК Шкендија