Манчестер јунајтед го задржува Бруно, а тргнува по ѕвезда на Реал Мадрид!

Манчестер јунајтед е на чекор до договор со својот капитен Бруно Фернандеш, кој ќе остане на „Олд Трафорд“ и во наредните години, додека паралелно клубот веќе работи на доведување на нов лидер во средниот ред.

Според британските медиуми, португалскиот репрезентативец ги прифатил условите за продолжување на соработката, а преговорите се во завршна фаза. Иако во последните месеци добиваше богати понуди од Саудиска Арабија, Фернандеш решил да остане во Манчестер и да биде еден од носителите на новиот проект предводен од Мајкл Карик. Новиот договор ќе го вброи меѓу најплатените фудбалери во Премиер-лигата, што е уште една потврда колку клубот смета на својот капитен.

Важна улога во неговата одлука одиграл и камбекот на Манчестер јунајтед во Лигата на шампионите, откако „црвените ѓаволи“ минатата сезона завршија на третото место во англиското првенство. Фернандеш зад себе има фантастична сезона во која постави нов рекорд во Премиер-лигата со дури 21 асистенција. Откако пристигна од Спортинг Лисабон во 2020 година, освои ФА Куп и Лига куп, а во најтешките периоди токму тој беше лидерот кој го носеше тимот.

Во меѓувреме, Манчестер јунајтед активно бара дополнително засилување во средниот ред. Според информациите на „Би-Би-Си Спорт“, Реал Мадрид е подготвен да ги сослуша понудите за францускиот репрезентативец Орелиен Чуамени, кој се наоѓа високо на листата на желби на англискиот великан. Сепак, евентуалниот трансфер нема да биде лесен, бидејќи покрај високата отштета, сериозна пречка би можеле да бидат и личните финансиски барања на францускиот играч.

Освен Чуамени, Јунајтед ги следи и настапите на Ману Коне од Рома, Карлос Балеба од Брајтон, како и американскиот репрезентативец Тајлер Адамс, за кого Борнмут наводно би барал околу 35 милиони фунти.