ФФМ изрече жестоки казни за хаосот по дербито меѓу Вардар и Шкендија (ВИДЕО)

Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги соопшти казните за инцидентот кој се случи по дербито меѓу Вардар и Шкендија (0-2) во второто коло од Првата лига.

ФФМ изрече суспензија од пет натпревари за фудбалерот на Вардар, Јоакин Торес, додека Анес Мељичи од Шкендија е казнет со три натпревари суспензија.

„Торес Јоакин Едуардо, фудбалер на ФК Вардар, се казнува со забрана за настап на 5 натпревари, поради добиен црвен картон на натпреварот од 2. коло во Прва МФЛ, помеѓу екипите на ФК Вардар и ФК Шкендија.

Анес Мељичи, фудбалер на ФК Шкендија, се казнува со забрана за настап на 3 натпревари, поради добиен втор жолт, односно црвен картон, на натпреварот од 2. коло во Прва МФЛ, помеѓу екипите на ФК Вардар и ФК Шкендија.

„ФК Вардар се казнува со парична казна во висина од 1.000 евра, поради користење пиротехнички средства од страна на навивачката група „Комити“ на натпреварот од 2. коло во Прва МФЛ, помеѓу екипите на ФК Вардар и ФК Шкендија“, соопшти ФФМ.

ФФМ, исто така, изрече и казни за другите натпревари од Првата лига.

„Рама Ландрит, фудбалер на ФК Струга Трим Лум, се казнува со забрана за настап на 1 натпревар, поради добиен втор жолт, односно црвен картон, на натпреварот од 2. коло во Прва МФЛ, помеѓу екипите на ФК Скопје и ФК Струга Трим Лум.

ФК Брегалница 2008 се казнува со парична казна во висина од 600 евра, поради користење пиротехнички средства од страна на нивната навивачка група на натпреварот од 1. коло во Прва МФЛ, помеѓу екипите на ФК Вардар и ФК Брегалница 2008“, се вели во соопштението на ФФМ.