Надал го откажа настапот во Монтреал: Почувствував болки во стомакот!

Најтрофејниот светски тенисер Рафаел Надал нема да игра на АТП Мастерсот во Монтреал, откако го откажа учеството и тоа откако почна да тренира сервис, поради болки во стомачните мускули.

Надал поради повреда го предаде полуфиналето на Вимблдон и оттогаш е во рехабилитациски период, тренира, ама не во полна форма. И сега откако почнал со тренинзи за сервис, болките биле пречка да заигра во Монтреал, турнир кој е подготовка за УС-опен.

„Веќе некое време тренирав без сервис и сѐ беше добро, ама пред четири дена почнав да трениран сервис и почувствував проблеми во стомакот. Многу сум тажен што не отпатував за Канада на турнирот кој петпати го имам освоено. Но, во овој момент мора да бидам мудар и да размислувам за здравјето“, рече Надал.

Во Монтреал нема да игра ни освојувачот на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ поради веќе познатите проблеми со неможноста да влезе во земјата зашто не е вакциниран против ковид-19.

УС-опен, за кој Надал ќе се подготвува за евентуален настап, ако проблемите со стомачните мускули се средат, е закажан за почеток на 29 август и ќе трае до 11 септември.