Медведев се препоти со Јубанкс за прво полуфинале на Вимблдон

Рускиот тенисер Данил Медведев, трет носител на третиот годинешен гренслем првпат ќе игра полуфинале на најпрестижниот турнир, откако попладнево добро се препоти и со пресврт во пет сета го победи Американецот Кристофер Јубенкс, 43-ти на АТП со 6-4, 1-6, 4-6, 7-6, 6-1.

Безмалку три часа траеше пресметката на Медведев против Јубенкс, кој после првиот освоен сет на Русинот одигра спектакуларно за да ги освои следните два сета, вториот откако на Русинот му препушти само еден гем, а во третиот откако во првиот гем направи брејк и после со сигурен сервис да поведе во мечот.

И клучен беше четвртиот сет во кој двата тенисер беа сигурни на сервис, па тајбрејк решаваше и во тој Јубенкс со два загубени поени на свој сервис го врати Медведев (4-7) за Русинот да израмни.

Во решавачкиот петти сет, првиот сервис на Американецот затаи и Медведев сето тоа го искористи, направи два брејка, поведе со 4-0 и сѐ потоа беше само рутина за конечна победа и прво полуфинале на „Ол Ингланд клубот“.

Таму, Русинот го чека подобриот од пресметката Карлос Алкаеаз – Холгер Руне, а Шпанецот води со 2-0 по сетови.