„Ќе сторам сè Федерер да остане најдобар на сите времиња!“

Почетокот на „Роланд Гарос“, последниот гренслем-турнир што се игра во невообичаен термин, на виделина ја извади вечната битка на најдобрите светски тенисери за тоа кој има најмногу трофеи од овие четири најголеми натпреварувања.

Роже Федерер во моментов е на врвот со 20 победи, а зад него се Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ со 18 односно 17 вакви титули. Поради тоа, шампионот од неодамна завршениот Ју-Ес опен, Доминик Тием, се пошегува дека во Париз ќе стори се за да ја одржи разликата која Швајцарецот ја има пред најблиските ривлаи, што би значело дека ќе успее да излезе како подобар со пресметките против најголемите фаворити за триумф на „Ролан Гарос“.

„Роже ми ја честиташе титулата во Њујорк, а јас му ветувив дека ќе дадам сè од себе за да го задржам на местото број еден по бројот гренслем-трофеи. Ниту еден друг тенисер не може да се спореди со Роже. Тој е уникатен, игра многу поубав и поелегантен тенис од мене“, изјави Тием.

Австриецот денеска со лесно 3-0 во сетови беше подобар од Марин Чилиќ, додека во втората рунда, задутре, ќе ги одмери силите со Џек Сок.