Ѓорческа загуби во првото квалификациско коло на УС Опен

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа беше поразена од Аргентинката Јулија Риера во меч со два сета во првото квалификациско коло од грен слем турнирот УС Опен.

Лина одлично го почна мечот, имаше предност од 3-0, беше и 4-1 за македонската тенисерка, но потоа следуваше пад. Риера направи серија од 5-1 и поведе со 6-5. Следниот гем го зема Ѓорческа, по што сетот се решаваше во тајбрејк. Во тајбрејкот Аргентинката беше подобра со 7-4.

Во вториот сет Лина Ѓорческа загуби еден свој сервис, додека Риера беше перфектна кога таа сервираше. Сетот заврши 6-3 за аргентинската тенисерка за нејзина победа од 2-0 во сетови.