Ѓорческа ја растури првата носителка од Грција за - финале во Букурешт!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа ќе се бори за уште еден пехар во Романија откако со 2-0 (6-2, 6-2) ја победи грчката тенисерка Деспина Папамикали која беше прва носителка на турнирот.

Папамикали е на 222. позиција на ВТА листата и важеше за главна фаворитска на турнирот во Романија, но таа не успеа да го запре налетот на Ѓорческа која во моментов игра во страшна форма.

Лина лесно го доби денешниот меч, двата сета ги зема со идентични 6-2 и 6-2, дуелот траеше само еден час и дваесет минути.

Ѓорческа утре ќе се бори за нов пехар од Романија, минатиот викенд таа триумфираше на турнир во оваа земја, во градот Слобозија.