Ѓорческа го предаде мечот кога беше пред победа, елиминирана и Стоилковска

Македонските тенисерки Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска го завршија својот настап на ИТФ фјучрс турнирот од серијата W50 во Лопота, Грузија, уште во првото коло.

Ѓорческа по 103 минути игра беше принудена да го предаде дуелот против Дарија Комуцианскаја поради повреда и тоа при водство во одлучувачкиот трет сет. Откако двете тенисерки освоија по еден од првите два сета, Ѓорческа водеше со 4-1 во третиот, кога мораше да се повлече од натпреварувањето.

Најдобрата македонска тенисерка одлично го отвори мечот со предност од 3-0 и таа предноста од три гема ја одржуваше до крајот на сетот кој го свои со 6-3. Во вториот Белорусинката возврати на ист начин и со 6-3 израмни на 1-1.

Во мечот на Магдалена Стоилковска, која се сретна со седмата носителка на турнирот, Чагла Бујукакчај од Турција имаше помалку неизвесност. Искусната Турчинка славеше со 2-0 во сетови, со резултати 6:1 и 6:4. Во вториот сет, Стоилковска покажа борбеност и поведе со 3:1 и 4:3, но не успеа да го задржи темпото, дозволувајќи и на противничката да направи пресврт и да го добие мечот.