Ѓоковиќ уште не знае дали ќе игра во Рим, ама сигурно ќе настапи на „Ролан Гарос“!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, испрати оптимистички пораки – повредата не го оттурнува од настап на „Ролан Гарос“.

Србинот ќе го прескокне мастерсот во Мадрид, но уверува дека закрепнувањето оди во вистинска насока и дека главната цел останува – Париз.

„Тренирам за да бидам подготвен за турнирот во Рим. Не можам да гарантирам дека ќе играм, сè зависи од повредата, но за Ролан Гарос ќе бидам подготвен“, порача Србинот.

Ѓоковиќ се наврати и на еден од најголемите моменти во кариерата – олимпиското злато на ЛОИ во Париз, каде во финалето го совлада Карлос Алкараз.

„Тоа беше веројатно врвот на мојата кариера. На 37 години, можеби последна шанса – никогаш нема да ја заборавам таа победа“, истакна Ѓоковиќ.

Погледот веќе му е насочен и кон иднината. Србинот не крие дека сака да настапи и на ЛОИ 2028 во Лос Анџелес, што би биле негови шести Игри.

„Да ја претставуваш својата земја на Олимпијада е нешто што не може да се спореди со ништо друго. Се надевам дека повторно ќе го доживеам тоа“, заклучи Ѓоковиќ.