
Ѓоковиќ: Со Надал одевме на вечери, ама со него е невозможно да бидеш пријател!
Србинот вели дека интензивното ривалство на теренот го направило тоа невозможно. Со 24 освоени гренд слем титули, Ѓоковиќ (38) и понатаму се натпреварува на највисоко ниво, додека Надал и Роџер Федерер – другите двајца членови на легендарната „голема тројка“ – веќе ставија крај на своите кариери.
„Надал е само една година постар од мене и двајцата сме Близнаци. На почетокот дури двапати излеговме заедно на вечера. Но, дури и со него, пријателство е невозможно,“ изјави Ѓоковиќ.
Иако негуваат професионална дистанца, Ѓоковиќ истакна дека токму ривалството со Надал и Федерер му помогнало да стане подобар спортист.
„Секогаш сум го почитувал и многу му се восхитував. Благодарение на него и на Федерер, пораснав и станав тоа што сум денес. Тоа нѐ обединува засекогаш. Надал е дел од мојот живот – во последните 15 години го имав видено повеќе од мајка ми“, дополни со насмевка.
Српскиот ас објасни дека нивниот однос е заснован на почит, но не и на блискост.
„Никогаш не сме биле пријатели, но никогаш не сме биле ни непријатели,“ додаде тој.
Сличен став има и за Федерер.
„Секогаш сум го почитувал, тој е еден од најдобрите на сите времиња. Имаше огромно влијание, но никогаш не ми бил близок“, искрен е Ноле.
Ѓоковиќ вчера го заврши настапот на мастерсот во Шангај, каде што во полуфиналето загуби од Валентин Вашеро (3-6, 4-6), борејќи се со болки во грбот.