Ѓоковиќ се пријави за настап на Австралија опен, ама уште не открива дали е вакциниран!

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, официјално се пријави за настап на првиот гренслем-турнир следната година „Австралија опен“, вез воопшто да открие дали е вакциниран, нешто за што се дебатираше на големо во последните неколку месеци во светската јавност.

Австралиските власти во повеќе наврати напоменаа дека на нивна територија може да стапнат само тие што се целосно имунизирани и дека за тоа нема да прават исклучоци дури и за спортист од рангот на Србинот. Самиот факт што популарниот Ноле се најде на официјалната листа тенисери кои ќе се борат за драгоцениот пехар и милионската награда е доказ дека тој ги прифатил правилата на игра.

Но, весникот „Хералд сан“ од Мелбурн потенцира дека постои можност Ѓоковиќ да се нашол на турнирската листа без да се вакцинира и тоа со помош на австралиските тениски челници, кои, наводно, му помогнале да го искористи правото за медицински исклучок.

„Новак има основа да побара медицински исклучок, што сигурно ќе биде поддржано од предводниците на тенисот во Австралија, кои дефинитивно ќе сторат се за да го имаат најдобриот во моментов на терените. Згора на тоа, тие немаат намера да ја пропуштат можноста да бидат дел од историјата, ако Ѓоковиќ токму во Мелбурн дојде до рекордниот 21. гренслем-трофеј“, пишува „Хералд сан“.

Ваквите тврдења веднаш беа демантирани од австралиските тениски предводници.

„Секое барање за медицински исклучок мора да ги следи владините насоки, кои се темелат на клинички препораки на државното советодавно тело за имунизација. Тенисерите ќе мора да минат низ истиот процес како и секој друг патник кој доаѓа во Австралија. Секое нагаѓање дека заедно со Ѓоковиќ бараме 'дупки' во законот се невистините“, велат од тениската федерација на Австралија.

Неодамна една од најголемите српски тениски легенди, Радмило Арменулиќ, јавно изјави дека Ѓоковиќ одамна е вакциниран, потенцирајќи зошто дозволува да се прави драма околу ова прашање во светската јавност. Да не бил веќе имунизиран, според него, тој воопшто не би можел да влезе во Австрија, а не, пак, да настапи на неодамнешниот Дејвис куп во оваа држава.

Турнирот во Мелбурн стартува на 17 јануари.