
Ѓоковиќ: Мотивацијата сè уште е тука – и понатаму сум гладен за трофеи!
Тој ова го изјави пред настапот на турнирот во Женева, каде што настапува со вајлд-карта и каде ќе се обиде да дојде до стотиот трофеј во кариерата.
„Мотивацијата е и понатаму тука. Се трудам да освојам уште трофеи и да влезам во форма за Ролан Гарос. Сакам да настапам на нивото што е потребно за да стигнам далеку и да се борам со најдобрите“, изјави српскиот ас.
Ѓоковиќ, кој на 22 мај ќе наполни 38 години, потврди дека ја завршил шестмесечната соработка со поранешниот голем ривал и долгогодишен пријател Енди Мареј. Иако партнерството започна ентузијастички, двајцата одлучиле дека не можат да извлечат повеќе од заедничката работа.
„Со Енди почувствувавме дека не можеме да извлечеме повеќе од тоа партнерство. Моето почитување кон него останува исто, дури и поголемо – тој има неверојатен тениски интелект и шампионски менталитет“, дополни Ѓоковиќ.
Во моментот, тој нема намера брзо да најде нов тренер.
„Не брзам. Добро се чувствувам со луѓето околу мене и ќе видиме што ќе се случи на следните турнири“, изјави тој.
Турнирот во Женева е еден од последните турнири пред големиот гренслем на земјена подлога, каде што ќе се обиде да стигне до својата 25-та гренд слем титула – што би бил нов апсолутен рекорд. Ѓоковиќ сезонава сè уште нема победа на земја, откако беше елиминиран рано во Монте Карло и Мадрид, а во Рим воопшто не настапи. Првиот противник во Женева ќе му биде Унгарецот Мартон Фучович. И покрај лошата серија – порази на стартот на четири од последните пет турнири – Ѓоковиќ верува во својот план.
„Не сум навикнат да губам во први мечеви. Веројатно ми се случува првпат во 20 години, но знаев дека ќе дојде и таков момент. Сега сум во ново поглавје од животот, се обидувам да поминам низ него на свој начин“, објаснува Србинот.
Ѓоковиќ зад себе има 24 гренслем-титули од кои три се на Ролан Гарос – најмалку во споредба со другите големи турнири. Минатата година во Париз беше поразен од шпанската сензација Карлос Алкараз.
ФОТО: EPA PHOTO